СЕ НА ЕДНО МЕСТО ЗА ЕП 2026: Распоред на натпревари, состави, градови, арени, преноси…

Европското првенство ќе се одржи од 15 јануари до 1 февруари 2026 година, а заеднички домаќини ќе бидат Данска, Шведска и Норвешка. На шампионатот кој се одржува по 17 пат ќе учествуваат 24 национални селекции, сите со иста цел, да стигнат до врвот и да обезбедат место меѓу најголемите во историјата на европскиот ракомет. Покрај возбудувањата на теренот, првенството ќе понуди и уникатни искуства надвор од ракометот. Навивачите ќе имаат можност да откријат нови култури, да уживаат во локалната кујна, да посетат туристички атракции и да бидат дел од специјално подготвени фестивалски настани. Во продолжение сè што треба да знаете пред стартот на завршниот турнир.

Само вторпат во историјата три држави заеднички ќе го организираат најголемиот европски ракометен настан. Слоганот „PURE GREATNESS“ ја истакнува историската важност на турнирот, каде што играчите и навивачите заедно ќе можат да ја почувствуваат убавината на спортот, притисокот на големата сцена и радоста од славењето.

Добро познати по својата долга ракометна традиција, ко-домаќините Данска, Шведска и Норвешка се подготвуваат да ни ја покажат скандинавската страст и посветеност кон спортот. Со одлични резултати на меѓународна сцена во различни спортови, вклучувајќи го и ракометот, претстојното првенство ветува спектакл од највисоко ниво.

Сите три земји веќе биле вклучени во организацијата на Европско првенство за мажи – како единечни домаќини (Шведска во 2002, Норвешка во 2008 и Данска во 2014) или како ко-домаќини (Шведска и Норвешка заедно со Австрија во 2020 година).

ФАЗИ НА НАТПРЕВАРУВАЊЕ

Прелиминарна рунда (15–21 јануари)

• Хернинг (Данска) ќе биде домаќин на групите А и Б
• Осло (Норвешка) ќе биде домаќин на натпреварите од групите Ц и Д
• Малме (Шведска) ќе биде домаќин на групата E
• Кристијанштад (Шведска) ќе биде домаќин на натпреварите од групата Ф

Главна рунда (22-28 јануари)

Турнирот продолжува со главната рунда во Хернинг и Малме, која започнува на 22 јануари и ќе трае до 28 јануари, кога ќе бидат познати четирите селекции што ќе обезбедат место на завршниот викенд.

Финален викенд (30 јануари-1 февруари)

Фокусот ќе остане во Хернинг, каде што ќе се одиграат:
• Полуфинале – 30 јануари
• Финале – 1 февруари 2026, кога ќе биде крунисан новиот европски шампион

ГРАДОВИ-ДОМАЌИНИ И АРЕНИ

Хернинг, Данска

„Јуске Банк Боксен“ е најголемата затворена арена во Данска со капацитет од 15.000 гледачи и ќе биде централниот ракометен храм на ЕХФ ЕУРО 2026. Во Хернинг ќе се играат натпревари од прелиминарната и главната рунда, како и целата завршница.
Градот има околу 90.000 жители и богато искуство во организација на големи спортски настани, меѓу кои ЕХФ ЕУРО 2014, СП 2019 и СП за жени 2023 година. Со културна сцена и природна убавина, Хернинг нуди уникатно искуство за посетителите.

Осло, Норвешка

Главниот град на Норвешка и најголем град во земјата, со над еден милион жители, Осло нуди совршен спој на природа и урбан живот. Натпреварите ќе се играат во „Јунити Арена“, сала со капацитет до 9.000 гледачи, позната по спортски и музички настани. Јавниот превоз е ефикасен и целосно го покрива градот, што ја олеснува посетата за навивачите.

Малме, Шведска

Со капацитет од 11.800 гледачи, „Малме Арена“ ќе биде домаќин на натпревари од прелиминарната и главната рунда. Малме е трет по големина град во Шведска, познат по опуштената атмосфера, културниот живот и атракциите, идеален за навивачи од целиот свет.

Кристијанштад, Шведска

Со разновиден пејзаж, богата фестивалска понуда и автентична скандинавска кујна, Кристијанстад е вистинска атракција за посетителите. Натпреварите ќе се играат во „Кристијанштад Арена“, сала со капацитет од 4.500 гледачи, која ќе понуди интензивна атмосфера за сите љубители на ракометот.

ГРУПИ И СОСТАВИ НА РЕПРЕЗЕНТАЦИИТЕ

група А (Германија, Шпанија, Австрија, Србија)

група Б (Данска, Португалија, Македонија, Романија)

група Ц (Франција, Норвешка, Чешка, Украина)

група Д (Словенија, Фарски Острови, Црна Гора, Швајцарија)

група Е (Шведска, Хрватска, Холандија, Грузија)

група Ф (Унгарија, Исланд, Полска, Италија)

РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИ

Термините за натпреварите се 18:00 и 20:30 часот во прелиминарните групи, додека во главната рунда ќе биде додаден и терминот од 15:30 часот.

Полуфиналните натпревари ќе се играат во „Јуске Банк Боксен“ во Хернинг, а исто и финалето, и мечевите за трето и петто место.

ТВ ПРЕНОСИ

Македонската телевизија ќе го пренесува Европското првенство и 50 натпревари од прелиминарната рунда, главната рунда и завршниот викенд. Еве го комплетниот распоред на преноси.

Студио во Хернинг, емисии во Скопје, анализи… – МТВ ќе пренесува 50 натпревари од ЕП!