Охрид не мирува – доаѓа ново ЗАСИЛУВАЊЕ!

Екипата на Охрид продолжува јасно да ја гради својата амбициозна приказна, а во тој контекст сè поизвесен е и трансферот на Ален Ќосевски од Вардар. Како што дознава 24Ракомет, десното крило на „црвено-црните“ е пред преселба во градот покрај езерото, чекор кој може да биде добивка за двете страни.

Во Вардар, конкуренцијата на десната крилна позиција е исклучително силна, со три играчи на таа позиција (Пинто, Георгиевски и Ќосевски), што неминовно значи и ограничена минутажа. Од друга страна, во Охрид во моментов таму е присутен само Дарко Ѓукиќ (по заминувањето на Гал Цирар), па доаѓањето на Ќосевски би донело поголема ротација, но и реална шанса младиот ракометар да добие поголема улога и континуитет на настапи.

Охрид има јасна визија и сериозни амбиции, а резултатите од есенскиот дел се силен аргумент за тоа. Во „Билјанини Извори“ паднаа и два големи фаворити, „зелените“ – Еурофарм Пелистер и „сините“ од Автокоманда, што е јасен сигнал дека охриѓани се подготвени за „чекор плус“. Со вакви резултати и настап во Купот на ЕХФ напролет, Охрид отворено најавува дека во блиска иднина сака да се вклучи и во трката за трофеи. Охриѓани првпат ќе презимат во Европа, со реални шанси да дотуркаат и подалеку во овој Куп.

Дополнителна сила на проектот е и интернационалниот состав, во кој странските ракометари носат искуство и квалитет, а домашните играчи добиваат простор за раст и докажување. Во таква средина, Ќосевски би можел да се вклопи природно – како играч со потенцијал, но и со веќе стекнато искуство на највисоко ниво со Вардар.

Доколку трансферот се реализира, тоа ќе биде уште една потврда дека Охрид не гради само тим за една сезона, туку проект што постепено сака да се позиционира меѓу најсилните во македонскиот ракомет. За Ќосевски, пак, ова може да биде вистинскиот чекор напред – шанса за поголема минутажа, европски натпревари и улога во тим што јасно гледа кон врвот.

Останува да се види кога клубот ќе го потврди трансферот, и под кои услови Ќосевски се сели покрај Охридско Езеро.