Денеска во центарот на вниманието на македонската јавност ќе биде натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер и европскиот првак Магдебург од Лигата на шампионите.
По гостувањето на Барселона, оваа сезона во Битола ќе гостува уште еден европски гигант, кој на патот кон одбраната на титулата досега запиша осум победи на осум меча.
Стратезите на двата тима, Рубен Гарабаја и Бенет Вигерт, ги одредија составите на двете екипи за пресметката во Битола.
На голот на Еурофарм Пелистер нема да биде Сеид Хеидарирад, а на негово место влегува Давид Брестовац. Повторно го нема ниту Калед Валид, а ќе игра Самоил Ристевски, исто како во Сегед. Магдебург ќе биде со најсилниот ростер.
Пелистерци без притисок и со мотив да покажат уште еднаш дека заслужено се меѓу најдобрите во ЛШ, ќе се обидат да му ги замрсат сметките на фаворитот.
Натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер и Магдебург се игра вечерва во салата „Боро Чурлевски“ со почеток во 20:45 часот.

























