Македонскиот првак Еурофарм Пелистер по ЕХФ неделата им се враќа на обврските во Лигата на шампионите и ќе се соочи со унгарскиот вицепрвак ПИК Сегед.
Камбек на терените по повредата имаше голманот Сеид Хеидарирад кој пропушти неколку средби во елитната конкуренција.
Иранецот со романски пасош ги сподели очекувањата од пресметката со ПИК Сегед.
„Имав пауза поради повредата, беше тежок период за мене, но сите ми помогнаа да се вратам што побргу на теренот. Среќен сум што се вратив, сега се фокусираме на мечот со ПИК Сегед кои го играме на домашен терен. Очекувам добар резултат и со голем оптимизам го очекуваме дуелот. На сите противници им е тешко во пеколната атмосфера пред нашите навивачи. Мислам дека сме на добар пат, одлично тренираме, тимот е расположен. Не го гледав дербито во Унгарија помеѓу Веспрем и ПИК Сегед затоа што и ние игравме во истиот термин, но од тоа што слушнав од моите соиграчи, ПИК Сегед прикажал одличен ракомет. Тие се добар тим, но и ние сме исто така и играме во нашиот дом“, изјави Хаидарирад.
Натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер и ПИК Сегед се игра утревечер во салата „Боро Чурлевски“ со почеток во 20:45 часот.

























