Унгарскиот вицепрвак иако беше на добар пат да слави против големиот Веспрем, сепак на крајот мораше да се помири со пораз од 32-31.
Покрај поразот, за време на мечот почина и техничкиот директор на клубот, Иван Добози, па ракометарите и раководството минуваат низ тежок период.
Сепак натпреварите мора да се играат, а следен предизвик за тимот на ПИК Сегед е гостувањето кај Еурофарм Пелистер во Лигата на шампионите.
Кружниот напаѓач Бенце Банхиди вели дека целта е победа во Битола.
„Поминуваме низ многу тажен и тежок период како тим. Неделава го загубивме основачот на нашиот клуб, д-р Михал Берци, а за време на домашниот натпревар против Веспрем, почина и нашиот технички директор, Иван Добози. Длабоко сме потресени и емотивно погодени од овие трагични настани. Во среда не очекува тежок натпревар против Еурофарм Пелистер. Добро се сеќаваме колку беше тешко да се победи во Битола пред две сезони, но и покрај сè, нашата цел останува иста – да ја оствариме победа“, вели Банхиди.
Натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер и ПИК Сегед се игра во салата „Боро Чурлевски“ в среда со почеток од 20:45 часот.


























