Заврши европската авантура на Ѓорче Петров

Македонскиот првак Ѓорче Петров е елиминиран од ЕХФ Европскиот Куп и тоа по само два меча од третото коло, откако загуби вторпат од шпанскиот Елче, овојпат поубедливо 25-19.

Вчера гостинките славеа со 19-16 во првиот дуел, па сега на македонскиот шампион ќе му остане само домашната сцена, каде ќе се обиде да ја одбрани двојната круна освоена минатата сезона.

До 5-5 во првиот дел беше рамноправен натпревар, а потоа доминираше шпанскиот тим. Поведоа гостинките со 9-5, па тренерот Симе Симовски мораше да ги смири своите избранички и да подели нови совети.

Намалија „лавиците“ на минус два, но во финишот на првото полувреме домаќинките направија нова серија грешка, нападот влезе во „црна дупка“ и на паузата Елче водеше со шест гола разлика, 16-10.

Во второто полувреме домаќинките имаа уште повеќе грешки, голманката Моралес имаше добра партија, па Елче отиде и на плус седум. Ѓорче Петров за момент се доближи на минус четири, 19-15, па гостинскиот тренер побара тајм-аут.

Имаа две шанси „лавиците“ уште повеќе да се доближат, не беа искористени и веќе немаше ниту време, а ниту расположени ракометарки за евентуален камбек во натпревар, па Ѓорче Петров мораше да се помири со елиминацијата.

Емилијана Ризоска и Армина Исиќ имаа по четири гола во тимот на Ѓорче Петров, а голманката Милена Вујисиќ запиша 11 интервенции, додека кај тимот на Елче се истакна Химена Лагуна со пет погодоци.