Екипата на Еурофарм Пелистер остана без бодови и по третпат во новата сезона од Лигата на шампионите. Македонскиот првак загуби убедливо на гостувањето кај Висла Плок со резултат 36-25 (18-14), во натпревар во кој домаќините целосно ја оправдаа фаворитската улога.
Пелистер добро го започна мечот и до средината на првото полувреме држеше чекор со полскиот претставник. Благодарение на неколку интервенции на Никола Митревски, резултатот се движеше во рамнотежа (8-9), но серијата од три гола на Висла преку Михиќ и Жита донесе водство кое Пелистер не успеа да го анулира до крајот.
На полувреме беше 18-14, а почетокот на вториот дел донесе и нов удар за битолчани. Искусниот Ник Хенигман доби директен црвен картон поради удар во вратот на Јанц, па Висла ја искористи предност и поведе со 20-16. Тука натпреварот практично беше решен.
Пелистер потоа промаши три седмерци, а искусниот Мирко Алиловиќ со девет одбрани (37%) ја „заклучи“ мрежата на полскиот тим. До крајот разликата растеше, па завршните минути беа само рутина за домашните, кои стигнаа до убедливи 36-25 и трет триумф во групата.
Во редовите на Висла најдобар беше Мелвин Ричардсон со 8 гола, следен од Абел Сердио со 5, додека кај Еурофарм Пелистер повторно најрасположен беше Дејан Манасков со 7 погодоци. По него следеа Павле Атанасијевиќ со 4 и Жарко Пешевски и Ник Хенигман со по 3.
Голманот Никола Митревски имаше 8 одбрани од 44 шута (18%), а најголемиот проблем за македонскиот тим беа 14 технички грешки и слабата реализација од линијата за седум метри (2/5, 40%).
Висла доминираше во сите статистички категории – реализираше 77% од вкупните удари, наспроти 66% кај Пелистер, имаше повисок процент на успешни напади (61% спрема 38%), и далеку поголема ефикасност во вториот дел.
За Еурофарм Пелистер ова е трет пораз по ред по оние од ПСЖ и ГОГ Гудме, додека Висла со овој триумф ја потврди одличната форма по победите над ПИК Сегед и Загреб.