КАДЕТКИ: Фуриозен старт на шампионот Вардар, службена победа за Овче Поле СУ

Кадетките на Вардар ја започнаа одбраната на шампионската титула во голем стил. Во рамки на првото коло од новата сезона, „црвено-црните“ гостуваа кај Гевгелија Југ и остварија убедлива победа со резултат 35-11.

Триумфот беше обезбеден уште по првиот дел, откако избраничките на Даниела Новеска поведоа со 14-4, а до паузата и со 19-6.

Во вториот дел немаше дилеми околу победникот и разликата во корист на вардарки само се зголемуваше. Пет гола за Вардар даде Атанасовска, а по четири пати погодија Ристовска, Милошевска, Николовска и Стојанова. Во составот на Гевгелија Југ, пет пати во листата на стрелци се запиша Анастасија Горковска.

Вториот натпревар од 1 коло го добија службено ракометарките на Овче Поле СУ со 10-0, откако тимот на Стружанка допатува во Свети Николе со 11 ракометарки, што е спротивно на минимумот од 12 во составот.

Кадетки, 1 коло, резултати:

Гевгелија Југ – Вардар 11-35
Овче Поле СУ – Стружанка 10-0 сл.