Металург Автокоманда со двоен триумф се пласира во третото коло на ЕХФ Купот

Ракометарките на Металург Автокоманда го потврдија пласманот во третата рунда од ЕХФ Европскиот Куп, откако вторпат славеа над Диферданж од Луксембург, овојпат со 31-24.

Иако не беа толку убедливи како на вчерашниот натпревар, сепак беа заштедени и дел од силите, бидејќи следната недела ќе играат два меча од домашното првенство, меѓу кои и дербито со шампионот Ѓорче Петров.

Сите дилеми, ако воопшто постоеја, беа решени уште на стартот на мечот, кога избраничките на Јулијана Дамчевска поведоа со 7-1, а таквата залиха ја задржаа до крајот на првиот дел, 18-12.

Во вториот дел не се форсираше премногу, минутажа добија сите ракометарки од клупата, па прашање беше само разликата со која ќе заврши мечот.

Металург Автокоманда заедно со шампионот Ѓорче Петров останаа македонски претставници во ЕХФ Европскиот Куп, откако Чаир и Куманово беа елиминирани. Ривалите за третото коло ќе ги дознаат на ждрепката во вторник.