Тренерот на Еурофарм Пелистер, Рубен Гарабаја, доби позитивни вести од медицинскиот тим во врска со повредата на младиот голман Давид Брестовац, кој се повреди на дербито против Вардар во Скопје.
Tоа се случи во финишот на првото полувреме, кога по една брза акција на Вардар, бекот Јака Малус се најде во шанса за гол, но Брестовац одлично интервенираше и го спречи ударот. По тој момент, Малус падна врз ногата на голманот, кој веднаш почувствува болка и мораше да биде изнесен од теренот.
По деталните лекарски прегледи, утврдено е дека се работи за полесна повреда на левата нога, без сериозни оштетувања. Според информациите од клубот, Брестовац ќе мора да паузира околу две седмици, по што се очекува повторно да се приклучи на тренинзите и да биде подготвен за следните натпревари.
Ова е големо олеснување за битолчани, кои во следниот период ги очекува згуснат распоред со важни натпревари и на домашната сцена и во Лигата на шампионите.