Стрмљан: Ќе биде интересно во Битола

Ракометарите на Охрид продолжуваат со тешката серија натпревари и гостувања кај директните конкуренти за врвот.

По дуелите со „сино-белите“ од Автокоманда и Вардар, избраниците на Борис Ројевиќ ги очекува и битка против шампионот Еурофарм Пелистер во Битола.

Средниот бек Тилен Стрмљан знае дека ќе биде тежок натпревар, па затоа упати повик до охриѓани да дојдат да ги бодрат во „Боро Чурлевски“.

„Во недела не чека тежок натпревар пред полна сала во Битола. Свесни сме дека мора да бидеме цврсти и агресивни во одбраната во текот на целиот натпревар, а во нападот да играме паметно со што помалку технички грешки. Натпреварот сигурно ќе биде интересен, затоа ги повикувам сите наши навивачи да не поддржат во што поголем број“, вели Стрмљан.

Натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер и Охрид се игра в недела во салата „Боро Чурлевски“ со почеток во 18:00 часот.