Кузмановски: Самите сме виновни за поразот

Македонскиот шампион Еурофарм Пелистер го доживеа првиот пораз во новата сезона од Супер лигата, откако загуби кај Вардар со 31-28.

Капитенот на битолчани, Филип Кузмановски, го анализираше поразот и потенцира дека самите се виновни за поразот.

„За жал ни се повторуваат истите грешки, иако бевме спремни за овој натпревар. Знаеме дека секое дерби е важно за нас. Во подготовките и во Супер Kупот остваривме победи, најверојатно тогаш бевме поспремни од нив. Вардар со ништо не нè изненади, сами сме виновни за поразот. Треба добро да го анализираме овој натпревар и ако сакаме да бидеме подобри во иднина, мораме грешките да ги анулираме. Сигурно ќе ни биде тешко и психички да се вратиме, сега не чека уште еден тежок натпревар со Охрид. Оваа сезона македонската лига е квалитетна како никогаш досега, не е лесен тој ритам патување и играње. Имаме доволно играчи, верувам во нашите момци, ние сме Еурофарм Пелистер и секогаш атакуваме на врвот“, вели Кузмановски.

Следен предизвик за македонскиот првак ќе биде домашниот дуел со Охрид, а потоа следува пресметка во Лигата на шампионите против Висла Плоцк.