Шпанската ракометна федерација одби да го испрати својот женски национален тим во Израел на натпреварот против домашната репрезентација во квалификациите за Европското првенство 2026.
Натпреварот требаше да се одигра во Тел Авив на 19 октомври. Европската ракометна федерација одлучи средбата меѓу Израел и Шпанија да се одигра во Братислава, Словачка.
Шпанската федерација прифати да одигра во Братислава три дена по натпреварот против Грција во првото коло на групната фаза на 16 октомври. Тој натпревар ќе се одигра во Валенсија, Шпанија.
Покрај Шпанија, Грција и Израел, во групата 6 се наоѓа и Австрија.
Австрија и Грција треба да гостуваат во Израел во март и април следната година. Големи се шансите тие натпревари да се одиграат во Европа, како што беше случај со повеќето „домашни“ натпревари на израелските репрезентации и клубови во последните години поради актуелната политичка и воена ситуација во Израел.