Бундеслигашот Фленсбург од идното лето ќе добие сериозно засилување во бековската линија. Клубот го ангажираше францускиот репрезентативец Ајмерик Мин, еден од најкреативните и најдобрите средни бекови во Европа.
28-годишниот Мин доаѓа од францускиот гигант Нант, каде настапува од 2019 година и стекна големо искуство и во домашното првенство и во Лигата на шампионите.
Мин беше клучен играч на француската репрезентација на Светското првенство 2025, каде што со „триколорите“ ја освои бронзата.
„Во модерниот ракомет е клучно да имате добра бековска линија – брзина, креативност и пробојност на највисоко ниво. Токму тоа го има Ајмерик. Со него добиваме играч кој не само што е опасен по голот, туку пред сè ја користи својата интелигенција во играта и може да игра на сите три бековски позиции“, изјави извршниот директор на клубот Холгер Гландорф.
Мин играше за Тулуз од 2013 до 2015 година, потоа беше дел од Екс Ан Прованс, пред да дојде во Нант во 2019 година, а идното лето ќе комплетира седум сезони во овој клуб.
Францускиот бек потпиша договор со Фленсбург до 2030 година.