Регионален спортски самит „Скопје 2025“- Спортот е двигател на здраво и просперитетно општество

Под мотото „Спортот како национален идентитет и визија за иднината“, денеска во Скопје беше отворен Регионалниот спортски самит „Скопје 2025“, што се одржува под покровителство на Министерството за спорт на Република Македонија.

Самитот ја поставува Македонија како центар на регионалната спортска соработка, место каде спортот ја покажува својата најголема сила – да ги обединува луѓето, државите и културите.

-Овој самит не е само формален настан, туку платформа за заеднички визии, размена на искуства и градење нови партнерства. Верувам дека преку регионална соработка и поддршка од институциите, спортот ќе биде двигател на здраво, современо и просперитетно општество – порача министерот за спорт Борко Ристовски во воведното обраќање.

На свеченото отворање поздравно обраќање имаше вицепремиерот во Владата и министер за транспорт и врски, Александар Николоски, кој ја истакна важноста на спортот како двигател на општествените и економските процеси. Тој најави уште поголеми инвестиции во спортската инфраструктура во целата наша држава.

-Како Влада сме сериозно посветени на спортот. Тоа што можеме ние да го направиме е да помогнеме да се развива инфраструктурата и да се даде шанса на сите кои сакаат да спортуваат. Воведовме една амбициозна програма за поддршка на локалната самоуправа во која сериозни средства се наменети за спортот. Преку Министерството за спорт инвестираме и речиси нема место каде што не носиме спортска инфраструктура и на тој начин овозможуваме младите да практикуваат спорт – рече Николоски.

Во своето излагање, Николоски најави нови законски измени за финансиски олеснувања при инвестирање во спортот.

-Во тек се неколку законски измени што ќе овозможат финансиски олеснувања и можност за сериозни инвестиции во спортот. Сметам дека оваа синергија помеѓу инвестиции во инфраструктурата и можност за инвестирање во спортот ќе даде резултати. Ние како Влада сме тука секогаш кога можеме да помогнеме и да дадеме поддршка и нашата работа застанува тука, бидејќи сакаме да ја држиме политиката надвор од спортот – истакнаНиколоски.

Присутните беа посебно инспирирани од мотивациската приказна на легендата на македонскиот фудбал, Горан Пандев, кој ја сподели својата лична спортска патека и ја нагласи улогата на спортот во градењето карактер и заедништво.

Првиот панел на Самитот, на тема „Како спортот ја обликува иднината на Балканот: Преку соработка до успех“, донесе плодна дискусија меѓу министрите за спорт од регионот – Борко Ристовски (Македонија), Зоран Гајиќ (Србија) и Драгослав Шќекиќ (Црна Гора). Министрите од трите земји се согласија дека регионалната соработка е клучна за развојот на спортот, инфраструктурата и младите таленти, како и за градење заедничка визија за иднината на Балканот.

-Овој собир треба да биде почеток на една нова ера на спортска соработка на Балканот, ера на спортска дипломатија, меѓусебно почитување и регионален развој преку заеднички цели. Спортот е иднината, а иднината ја креираме заедно сега. Веруваме дека денешните дискусии ќе донесат нови партнерства, нови идеи и визја што ќе не води следните години – порача министерот Ристовски.

На панелот „Спонзорства во спортот: Како до профитабилни партнерства“, министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, ги повикаа македонските компании повеќе да вложуваат во спортот.

-Ако сакаме да имаме економија, мораме да имаме здрава нација, дисциплинирана и победнички настроена. Вакви карактеристики имаат спортистите. Затоа треба да вложуваме многу во училишниот спорт и да овозможиме секое дете да има пристап до спортот. Ова е еден од нашите приоритети и во иднина фокусот и на Владата и на Министерството за спорт ќе биде таму. Навиките кои тие деца ќе ги стекнат од нив ќе создадат добри граѓани и потенцијал за компаниите да добијат квалитетни работници.
Јас како министерка за финансии давам голема поддршка за спортот, а доказ за тоа е буџетот на Министерството за спорт – рече министерката Димитриеска-Кочоска.

На денешниот Спортски самит „Скопје 2025“ ќе се одржат девет панели на повеќе теми од областа на спортот на кои дискутираат претставници на спортски федерации и клубови, истакнати, претставници на институции, медиуми, приватни компании, спонзори, тренери со заедничка мисија – да се истакне улогата на спортот во современото општество, размената на искуства и поттик на регионалната соработка во спортската сфера.