Се комплетира првото коло со дерби: Охрид гостува во Автокоманда

Ракометарите на Охрид и „сино-белите“ од Автокоманда ќе го комплетираат првото коло во Супер лигата.

Охриѓани имаа долга пауза по освојувањето на трофеите на турнирите во Струга и Охрид без натпревари, што би можело да биде мал хендикеп на гостувањето кај „ранет лав“ по европска елиминација.

Момците на Лазаров иако прикажаа солидна партија, особено на реваншот, беа елиминирани од бундеслигашот Хановер и сега комплетно се вртат на домашните обврски во Супер лигата.

Србинот Борис Ројевиќ како тренер на Војводина има две победи над „сино-белиот“ тим на Лазаров во Лигата на Европа во сезоната 2023/24, па сигурно го знае рецептот, иако во тимот од Автокоманда има мали измени во однос на таа сезона.

Охриѓани имаат добро склопен состав, со двајца-тројца играчи на секоја од позициите и сигурно дека ќе имаат што да кажат и на ова гостување, но и во текот на целата сезона на домашна и меѓународна сцена.

Натпреварот во Автокоманда се игра вечерва со почеток во 18:30 часот.