Македонскиот првак Еурофарм Пелистер утре го очекува првиот натпревар во Лигата на шампионите против Загреб.
Тренерот Рубен Гарабаја вели дека неговите момци мора да продолжат да играат како на подготвителните натпревари.
„Загреб е конкурентен тим, играат одлична одбрана, особено во средината. Треба да ја наметнеме нашата игра и да играме како што игравме во подготовките“, вели Гарабаја.
Шпанецот го водеше Еурофарм Пелистер на натпревари надвор од Битола, a сега првпат ќе ја почувствува атмосферата во полната сала.
„Подготвен сум за атмосферата во Битола. Сите ми зборуваат за тоа откако дојдов и сакам навивачите да уживаат во нашата игра“, заврши Гарабаја.
Натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер и Загреб се игра утре во салата „Боро Чурлевски“ со почеток во 20:45 часот.