Дуелот за Супер Купот традиционално ја крева завесата на ракометната сезона, а Еурофарм Пелистер како актуелен шампион, и Вардар како побендик на Купот ќе го одиграат мечот во Кавадарци. Таму е закажан дуелот, за 3 септември.
Тоа ќе биде трето соочување за двата тима пред почетокот на сезоната. Играа меѓусебе на турнирот во Охрид, и тој дуел го добија битолчани. На 30 август треба повторно да играат, но на турнирот во Скопје.
Во досегашната историја на Супер Купот повеќе успех имале „црвено-црните“ кои имаат четири титули, додека „зелено-белите“ од Битола досега го освојувале пехарот двапати. Минатата година Еурофарм Пелистер загуби во финалето од тимот од Автокоманда, па сега ќе има шанса за поправен.
Формата на двата тима, на Еурофарм Пелистер и на Вардар можеше да се види од турнирот во Охрид што заврши пред неколку дена. Еурофарм Пелистер го освои второто место по поразот од Охрид, 23:27, но, славеше во групната фаза над Вардар 28:23. Вардар на турнирот го освои 4. место откако загубија од Нексе, иако претходно славеа против словенечки Тримо Требње (32:30). Но, тоа беше турнир каде и во двата тима недостасуваа по неколку играчи.
Се очекува во Кавадарци да владее вистинска дерби-атмосфера, со полни трибини и големо интересирање на навивачите од двата града. Најавено е дека ќе има навивачи на двата клуба.