Охрид и СРЦ „Билјанини Извори“ беа домаќини на првата епизода оваа сезона од најголемото македонско дерби меѓу Еурофарм Пелистер и Вардар, кое го добија шампионите со 28-23.
Иако на стартот изгледаше дека ова ќе биде израмнет двобој до крајот, сепак во второто полувреме битолчани комплетно го надиграа најголемиот ривал и не дозволија ниту трошка неизвесност до крајот.
Сега Еурофарм Пелистер ќе мора да слави со што поголема разлика против Динамо Панчево и потоа да чека услуга од Вардар, кој ако го совлада Тримо ќе ги испрати битолчани на првото место во групата и во финалето.
Во составот на Вардар не беа Борозан, Еспиња, Лазаревски, Пинто и Стаменковиќ, додека за Еурофарм Пелистер, не настапи капитенот Кузмановски и Митревски, како и повредените Ристевски и Кузманоски.
Клучна фигура во редовите на пелистерци беше голманот Хеидарирад кој успеа да одбрани 15 шута на ривалите, но и да постигне еден погодок, додека седум гола имаше десното крило Хекбарт. Кај Вардар девет гола даде Горига.
Натпреварот започна израмнето со погодоци на двете страни и по петнаесетина минути беше нерешено, 5-5. Тогаш битолчани, предводени од голманот Хеидарирад се одлепија на плус три, 8-5. Таквата разлика ја задржаа пелистерци во продолжение, но во последната секунда Митровиќ постигна убав погодок и Вардар замина на пауза со негатива од два гола, 12-10.





Еурофарм Пелистер – Вардар
Борбата се разгоре на стартот на второто полувреме, имаше многу исклучувања на двете страни, а Митровиќ по еден остар старт на Тајник доби директен црвен картон. Тоа како да ги пресече вардарци, а им даде крилја на битолчани. Хеидарирад продолжи да брани во ист стил, Чупиќ се обидуваше со ротација на бековите да го загрози голот на Еурофарм Пелистер, но тешко доаѓаа до реализација за разликата од спротивната страна каде лесно поминуваа акциите.
Кога остануваа да се играат уште петнаесетина минути беше плус шест за шампионот, 21-15 и веќе стануваше јасно кој е блиску до победата. Хендикеп за пелистерци беше повредата на одличниот Хеидарирад, кој беше заменет со Брестовац.
Каде застана Иранецот, таму продолжи Македонецот, кој фати две топки во серија при резултат 23-17. Видливо беше дека Вардар беше немоќен да врзе серија голови и како одминуваше натпреварот така стануваше јасно дека нема да има „црвено-црн“ камбек.
Еурофарм Пелистер утре од 16:30 часот ќе игра со Динамо Панчево, додека од 18:45 е пресметката меѓу Вардар и Тримо Требње, но битолчани мора да слават со што поголема разлика и потоа да го чекаат вториот дуел од нивната група.