Словенечкиот Тримо Требње ќе биде главниот конкурент на Вардар или Еурофарм Пелистер за првото место во групата 2 од меморијалниот турнир „Крсте Андоновски“, откако славеше против Динамо Панчево со 30-28.
Се помачија во овој дуел словенечките ракометари, кои дозволија на два пати ривалот да се врати по плус четири и плус пет, но на крајот сепак се израдуваа на бодовите и останаа во трка по финалето.
Избраниците на Бранко Тамше тргнаа одлично, имаа и плус четири по десетина минути игра, 7-3, но како одминуваше времето така Динамо Панчево полека се враќаше во егал.
И не само што се вратија на реми, туку и поведе на паузата со 13-12. Слична ситуација се повтори и во второто полувреме. Словенечкиот тим се одлепи на плус пет, 20-15, но се чини дека прерано ја славеа победата.
Тоа им се врати како бумеранг. Чировиќ на голот на Динамо Панчево имаше одлична серија, но кога требаше да го зададе завршниот удар, концентрацијата попушти, снема енергија во нападот и Тримо на пет минути до крај стигна до плус два, 28-26.
Тимот на Тамше ја одржа разликата и на крај успеа да слави триумф што го остава во битка за првото место во групата што би им донело финале на меморијалниот турнир „Крсте Андоновски“.