Утре во СРЦ „Билјанини Извори“ стартува четвртото издание на меморијалниот турнир „Крсте Андоновски“ во Охрид.
Со учество на најдобрите екипи од регионот (Нексе, Тримо, Партизан, Динамо Панчево) и најдобрите македонски екипи (Вардар, Еурофарм Пелистер и Охрид), како и шампионот на Фарски Острови, Киндил.
„Чест ми е што пак сум во Охрид, во Македонија и мојата втора татковина и што сум опкружен со млади луѓе, млади тренери. Тоа е порака дека ракометот оди понатаму. Овде во Охрид многу убаво се чувствувам. Македонија многу напредува, креира моќна, сериозна лига и сега се појави и четврти клуб кој ќе се бори за титулата. Тука на Балканот не се заборава да се игра ракомет, иако новите правила им одговараат на Скандинавците, кои тие ги измислија. Но се надевам дека ние од просторите на бивша Југославија брзо ќе ги стигнеме“, вели Червар.
Тој вели дека турнирот ќе биде уште поквалитетен во наредните години.
„Тука во Охрид има голем ентузијазам. Од градоначалникот, кој е поранешен ракометар, се шири позитивната атмосфера и тоа многу ме радува. Задоволен сум што турнирот е многу силен годинава, а во иднина сум сигурен дека ќе биде уште поквалитетен. Охрид е „мамка“ за сите и испраќа голема порака. Само спортот може да ги обедини сите овие луѓе, овие клубови, овие ракометари“, изјави Червар.