Тимот на Охрид за првпат во клупската историја го освои трофејот на традиционалниот Струшки турнир.
За најкорисен играч, односно МВП, избран беше левиот бек Анте Иванковиќ, кој беше творец на головите кога Охрид ја правеше клучната залиха и на крајот славеше со 30-24.
Иванковиќ вели дека вакво признание годи, но не сака да го потенцира премногу.
„Честитки за моите момци за освојувањето на турнирот во Струга. Мислам дека екипата е најважна, а кога таа е добра секогаш ќе има некој добар поединец – денеска јас, утре некој друг…убаво е да се освои вакво МВП признание, но на крајот важна е само екипата и она што го правиме заедно.
По турнирот во Струга, охриѓани ги очекува и настап на нов турнир.
„Треба само да уживаме во играта и во ракометот. Го скршивме мразот со овој турнир, во Охрид ќе ни биде полесно на нашиот турнир. Сметам дека во вториот дел против Бутел го игравме тоа што го сакаме и се надевам дека ќе бидеме уште подобри на турнирот во Охрид“, заврши Иванковиќ.
Меморијалниот турнир „Крсте Андоновски“ се игра од 19 до 23 август, а Охрид ќе биде во група со Киндил од Фарски Острови, Нексе Нашице и Партизан.