СТРУГА 2025: Ѓоргиевски – Вистинско уживање е да се игра на овој турнир

Како најдолговечен ракометен турнир на овие простори, Струга продолжува да ја негува традицијата, со oорганизирање на меѓународниот турнир на отвореното ракометно игралиште покрај „Женската плажа“ што ќе означи и почетокот на новата сезона. Годинава, по 53. пат ќе се игра „европски“ ракомет во Струга, со 6 екипи од кои две се од странство. Од 13 до 16 август, се ќе биде во знакот на ракометот.

Еден од ракометарите кои сигурно ќе биде запишан во историјата на Бутел Скопје е средниот бек Димитар Ѓоргиевски. Тој е единствениот играч од актуелниот состав што е во овој клуб од првиот ден на формирањето и настапот во прволигашката конкуренција.

Тој досега мина осум сезони во редовите на Бутел Скопје по трансферот од Вардар Јуниор, а од ова лето ќе ја има и капитенската лента. Ресенчанецот четврти пат ќе биде дел од Струшкиот турнир, а очекувањата оваа година се тимот да се прикаже во најдобро можно светло.

„Очекувањата се да се прикажеме во најдобро можно светло, имаме доста подмладен состав оваа сезона и турнирот ќе ни биде прв тест да видиме до каде сме. Очекувам сите играчи да го дадат својот максимум, а резултатите ќе си дојдат сами по себе“, вели капитенот на Бутел Скопје.

Средниот бек вели дека е вистинско уживање да се игра ракомет на отворено.

„Сме учествувале три пати на турнирот и мислам дека е еден од најдобрите. Она што го прави единствен е тоа што се игра на отворено, а тоа е уникатна прилика. Вистинско уживање е да се игра на еден ваков турнир“, продолжи Ѓоргиевски.

Ривали на Бутел Скопје ќе бидат Раднички Крагуевац и Тиквеш.

„Играме против Раднички Крагуевац, една сериозна и искусна екипа, но сепак мислам дека ќе биде израмнет натпревар и ќе имаме шанси за поволен резултат. Потоа ни следува пресметка со Тиквеш, со кој сме играле многупати досега, но и тие имаат изменет состав во споредба со ланскиот, па очекувам да биде интересно со многу борба“, вели средниот бек.

Ѓоргиевски смета дека најголем фаворит за трофејот во Струга е Охрид.

„Ние ќе настапиме со целиот состав, а најголем фаворит оваа година сметам дека е Охрид“, продолжи Ѓоргиевски.

Тој ги потенцираше целите на клубот за новата сезона.

„Целта оваа сезона ни е да се пласираме во плеј-офот од Супер лигата, а во ЕХФ Европскиот Куп да стигнеме најдалеку што можеме“, заврши искусниот среден бек.

БУТЕЛ СКОПЈЕ – сезона 2025/2026

Дојдоа: Атанасиј Трсунов (Еурофарм Пелистер), Архангел Трсунов (Еурофарм Пелистер), Давид Гришикашвили (Пегаси Тбилиси), Благојче Трајкоски (Алкалоид), Петар Николоски (Охрид)

Заминаа: Антонио Николовски (Драчево Јуниор), Драган Шољиќ (Зрињски Мостар), Христијан Милошески (Аполда), Кристијан Давитковски (Пролет), Бојан Блажески (Охрид)

РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИ НА „СТРУГА 2025“
13 август: Бутел Скопје – Раднички Крагуевац
15 август: Тиквеш – Бутел
16 август: меч за пласман

 

❗❗  Дознајте ги сите новости поврзани со 53. издание на турнирот во Струга во специјалниот дел посветен на турнирот на страниците на 24Ракомет.

❗❗  Следете не на нашите социјални мрежи, на Facebook, и на Instagram и бидете дел од Viber заедницата на 24Ракометдобивајте ги сите информации веднаш на вашиот телефон…

СТРУГА 2025: Познат распоредот – езерски двобој за старт на турнирот