Kрај на сапуницата со Лапајне – со среќен крај и богата понуда од Кувајт

Ставена е точка на летната ракометна сапуница околу иднината на искусниот словенечки плејмејкер Јануш Лапајне. Иако беше на чекор до потпис со Партизан и се очекуваше да биде главното засилување на српскиот шампион, Лапајне на крајот ќе настапува во Кувајт за тимот на Казма.

Финансискиот аспект бил пресуден – богатата понуда од Кувајт ја засенила конкуренцијата, а оваа земја сѐ повеќе се наметнува како најпосакувана дестинација за клупски ракомет надвор од Европа.

Партизан долго го чекаше Лапајне, кој лани настапуваше за Цирих. Претходно имал понуда и од Катар, но преговорите со српскиот клуб изгледаа завршени кога Словенецот пристигна во Белград на потпис. Сепак, истиот ден го напуштил градот, информирајќи ги челниците на Партизан дека ја прифаќа побогатата понуда од Саудиска Арабија, конкретно од Ал Наср.

И тој трансфер пропаднал, па на крајот Лапајне го одбра Кувајт и го официјализира својот потпис со Казма. Искусниот бек во својата кариера настапуваше и за ПСЖ, Металург од Скопје, Татран Прешов, како и швајцарските клубови Криенс Луцерн и Базел.

Инаку, кувајтскиот шампионат бележи експанзија – сѐ повеќе врвни играчи се преселуваат таму. Следната сезона дресот на Бурган ќе го носи и српскиот репрезентативец Јовица Николиќ, кој доаѓа од редовите на Војводина. Таму се веќе хрватскиот лев бек Стипе Мандалиниќ и јапонскиот плејмејкер Косуке Јасухира.

Новитет во лигата е тоа што секој клуб ќе може да регистрира три странци, но на терен ќе можат да бидат само двајца истовремено.