Еурофарм Пелистер го победи Вардар со 32-30 во директната пресметка за шампионската титула и се радуваше на теренот на најголемиот ривал.
Радоста беше голема, а капитенот Филип Кузмановски беше меѓу лидерите на навивачите. Дел од јавноста му замери за некои фрази во навивачките песни, а се огласи и Министерот за спорт, Борко Ристовски.
„Како некој кој лично го познава и бил репрезентативен колега со Филип, сигурен сум дека неговото недолично скандирање беше во еуфорија и без намера да навреди никој. Сепак, треба да биде свесен дека е капитен на репрезентацијата. Со самото тоа има одговорност на теренот, но и надвор од него. Постапките мора да се пример за општеството, младината и целокупната спортска јавност. Затоа сакам да апелирам, во интерес на спортот и вистинските вредности да се извини на армијата навивачи кои впрочем се и негови фанови, а неумесно ги потцени и повреди“, напиша министерот на социјалните мрежи.
Капитенот на Еурофарм Пелистер го образложи својот потег и се извини за искажаните зборови.
„По денешните реакции во јавноста, би сакал да кажам неколку зборови. Во моменти на радост, емоции, еуфорија, прославувајќи заедно со нашите навивачи и пеејќи ги песните, несвесен за зборовите, направив грешка. Грешка која не сакам да се сфати како намерна ниту потценувачка кон некого. Свесен сум за мојата одговорност како капитен на македонската репрезентација на и надвор од теренот. Би сакал да се извинам на целата македонска јавност доколку сум бил погрешно сфатен. Ве молам сфатете дека прослава на титула на теренот на најголемиот ривал е огромна работа и не сакам оваа моја мала невнимателност да донесе негативен контекст на целото славје. Да живее Битола, да живее Македонија“, напиша Кузмановски.
Министерот се огласи уште еднаш откако Кузмановски се извини.
„Доблест, чест, одговорност…“, напиша Ристовски откако капитенот на битолчани се извини за потегот.