Вардар потврди: Договорени сме со Борозан да остане

По објавата дека Филип Талески се враќа во Вардар, македонскиот шампион потврди дека се договорени и со Црногорецот Вуко Борозан да остане. Детали се во прашање дека наскоро и тој трансфер ќе биде потврден.

Директорот на клубот Андија Нунев, за клупската интернет страница ги потврди досегашните засилувања најавувајќи дека Вардар ќе биде уште посилен на бековската позиција.

„ Нашите напори да имаме уште посилен тим се исплатеа бидејќи донесовме квалитетни играчи, и ги задржавме оние со кои успеавме да се договориме за продолжување на соработката. Можам да потврдам дека на бековската позиција ќе бидеме навистина силни, со доаѓањето на Талески, но и со задржувањето на Дмитро Горига и Вуко Борозан. Украинскиот бек го продолжи договорот, а со Борозан сме речиси договорени, и остануваат детали пред официјално да го потврдиме, вели Андија Нунев, директорот на Вардар.

Од клубот потврдуваат и дека речиси е направен и планот за подготовки за новата сезона, каде засега е потврдено учеството на турнирот во Охрид, а стручниот штаб разгледува можности и за настап на други турнири, и пријателски среди кои ќе помогнат за воигрување на тимот.

Сега за клубот претстои настап на Ф4 турнирот во Купот, каде во полуфиналето играат со актуелниот освојувач на пехарот. Потоа уште две кола од плејофот, каде најважен е оној последниот против Еурофарм Пелистер во Скопје, на 7 или 8 јуни кој ќе решава за шампионската титула.