Шампионот го задржа столбот на одбраната – Абутовиќ уште една сезона во Битола!

Еден од најискусните ракометари во редовите на шампионот Еурофарм Пелистер, Илија Абутовиќ, останува верен на битолскиот клуб.

Српскиот интернационалец и поранешен член на Вардар, потпиша нов договор и ќе остане во Битола најмалку до 2026 година.

„Продолжува нашата тенденција шампионите да продолжат да го носат нашиот дрес и во иднина. Ни претставува особено задоволство што постигнавме договор за продолжување на соработката со Илија Абутовиќ. Српскиот интернационалец и во сезоната 2025/26 ќе настапува за Еурофарм Пелистер и со своето искуство и квалитет ќе биде еден од лидерите на нашиот млад тим. Неговата сезона, неговите настапи и победничкиот ген уште еднаш ни потврдуваат дека направивме вистински потег што го доведовме минатото лето“, напишаа битолчани на социјалните мрежи.

Илија Абутовиќ дебитираше за Спартак Суботица во 2006 година, а потоа ги носеше дресовите на Партизан и словенечки Слован од Љубљана. Во 2011 година потпиша за Вардар и остана седум години. Потоа го чекаше предизвикот Бундеслига и четири години го носеше дресот на Рајн Некар Левен. Последните две сезони пред да дојде во Битола ги мина настапувајќи за Шарт.

Абутовиќ има европска клупска титула, пет освоени првенства на Македонија, титули од српските шампионати и Куп, како и четири изданија на СЕХА лигата.