Тодески: Бутел докажа дека може да се носи со екипите од „големата четворка“

Тимот на Бутел Скопје во плеј-офот имаше добри моменти на повеќе натпревари, но ниту еднаш не беа наградени со бодови. Младите момци на Горан Кузманоски одат на тешко гостување кај составот на Охрид и ќе се обидат да извлечат позитивен резултат.

Левиот бек Теодор Тодески игра одлично сезонава и го покажа својот потенцијал на повеќе средби. Тој очекува дека дуелот во Охрид ќе биде неизвесен до самиот крај.

„Следниов натпревар со Охрид ќе бидe интересен и неизвесен до самиот крај. Ние видовме дека можеме да се носиме со екипите од „големата четворка“ и ќе дадеме се од себе за да ги освоиме бодовите на овој тежок терен. Силно сме мотивирани за позитивен резултат на ова гостување и ќе направиме се да се покажеме во позитивно светло“, вели Тодески.

Тој доволно го познава ривалот и знае од каде доаѓа најголемата опасност.

„Охрид е сериозна екипа со многу интернационалци и домашни искусни, квалитетни играчи кои потпомогнати од нивните верни навивачи и тоа како знаат да ја искористат предноста на домашниот терен. Ќе се обидеме да ја затвориме бековската линија, да не дозволиме брз проток на топка и лесни голови од транзиција“, продолжи Тодески.

Прилепчанецот по неколку сезони минати во Автокоманда, во Бутел Скопје добива голема шанса да ги покаже своите квалитети.

„Бутел е извонредна средина за еден млад играч да може да напредува во својата играчка кариера. Ние сме сплотени како екипа и желбата за победа е секогаш присутна. Играме со срце до последна секунда од натпреварите без разлика дали сме на домашен или гостински терен. Јас откако дојдов во Бутел ја стекнав довербата од тренерот, играм во два правци, мислам дека одлично се снајдов и секоја шанса што ми е дадена гледам да ја искористам на најдобар можен начин“, заврши Тодески.

Натпреварот меѓу Охрид и Бутел Скопје се игра во СРЦ „Билјанини Извори“ на 2 мај со почеток во 19:00 часот.