Ракометарите на Струга имаа напад за победа на гостувањето кај Борец ФЛ, но на крајот треба да се задоволни со реми, 24-24. Тие водеа со четири гола во првиот дел, велешани имаа плус три во вториот, па на крајот реален е резултатот. Велешани треба да му заблагодарат на голманот Ѓурѓевиќ, кој запиша дури 18 одбрани и да не беше тој Струга сигурно ќе заминеше со целиот плен од ова гостување.
Сега битката за опстанок ќе биде максимално неизвесна. Пролет е прв на табелата со осум бода, Прилеп има седум на второто место, а трет е Куманово со пет. Радовиш, Струга и Борец ФЛ имаат по четири бода на делба од четвртото до шестото место.
Гостите од Струга отворија одлично и поведоа со 3-0, па домашниот стратег Глигоров мораше да бара тајм-аут многу рано. Беше и 6-2 за гостите, но тогаш се разбрани Ѓурѓевиќ, се разигра Миланов и Цвитановиќ и Борец направи комплетен пресврт.
Домаќините со серија од шест гола поведоа со 10-7 и најавија дека сакаат да ги освојат важните бодови на овој меч, но стружани по тајм-аутот на Танески се врати во егал и најавија интересно продолжение, 10-10.
По водството на велешани 13-11 на паузата, Трајковски го отвори вториот дел со гол за плус три, но тоа повторно не беше гаранција за Борец ФЛ. Како одминуваше времето така Струга го засилуваше темпотo.
На десетина минути до крајот разиграниот Стојков донесе водтво за Струга, 19-18, имаа гостите и напад за плус два, но се сплеткаа па казни Антунес за реми. Кога требаше најмногу да реализираат гостите, не успеваа, или поточно Ѓурѓевиќ бранеше.
Борец отиде на 22-20, но и Остиќ на спротивната страна фати две топки и Струга пак беше во егал, 22-22. Така и продолжи мечот до крајот. Велешани згрешија, па при 24-24 останаа триесетина секуди за стружани, но истече време без упатен удар и последна шанса имаше Мијушковиќ. Неговиот шут од слободен удар го одбрани Ѓурѓевиќ и мечот заврши реми.
Стојков даде десет гола за Струга, додека четири имаше Ристиќ, а голманот Остиќ запиша 13 одбрани. Во велешкиот тим се истакнаа голманот Ѓурѓевиќ со 18 одбрани, а во нападот најдобар беше Цвитановиќ со седум гола. Во следното коло, Борец ФЛ ќе гостува кај Куманово, а Струга ќе го пречека Прилеп.