Ракометарите на Еурофарм Пелистер го задржаа максималниот ефект во плеј-офот од Супер лигата, откако на гостувањето кај Бутел триумфираа со 34:22 во натпревар од 4. коло.
Токму на денешниот дуел, битолчани можеа да увидат што треба да подобрат во играта пред следното коло, во кое ги очекува дерби пресметката со вечниот ривал Вардар. Иако резултатот беше во нивна корист, избраниците на Алонсо имаа моменти на пад во концентрацијата во првиот дел.
По нерешените 2:2, гостите на Алонсо влегоа во ритам и по 15 минути игра имаа предност од 8:3. Следуваше период, во кој домаќините за момент заиграа поангажирано во нападот и одбраната, па на десетина минути пред финишот од првиот дел резултатот беше 11:8 во корист за гостинскиот табор.
Откако Бутел на двапати не искористи шанса да дојде до минус два, гостинот зголеми на 12:8 и до паузата му дозволи на домаќинот да погодои само еднаш. Ниту пелистерци не играа на ниво во нападот, но ги казнија дел од грешките на домашниот тим и изградија солидна залиха од 15:9 на пауза.
Еурофарм Пелистер на стартот на второто полувреме со погодоците на Кузмановски и Атанасијевиќ зголеми на 17:9 и тука беше јасно дека кој ќе ги освои бодовите. Бутел немаше сила за камбек, а гостите рутински го приведоа мечот до крај. Во 42-та минута, се повреди членот на Еурофарм Пелистер, Цветан Кузманоски, кој незгодно падна при еден обид за реализација и мораше со помош на своите соиграчи да го напушти теренот.
Алонсо продолжи со ротирање, им даде шанса на сите играчи, но без притоа да падне нивото на игра, па така битолчани само ја зголемуваа разликата за конечни 34:22.
Најефикасен кај Еурофарм Пелистер беше Дејан Манасков со шест погодоци, а кај Бутел се истакна Филип Николов, кој исто така постигна шест погодоци.