Македонија загуби од Словенија со 32-26 и се врати чекор назад во битката за пласман на ЕП 2026, а за тоа ќе решава со балтичките земји во мај, ако се знае дека ни следи тешко гостување во Копер.
Селекторот Кирил Лазаров смета дека Словенија е квалитетна селекција, без разлика што во Скопје дојде без 11 ракометари од последното СП.
„Не сакам да барам алиби, јас кажав дека Словенија е сериозна репрезентација без разлика во каков состав настапува. Сами видовте дека во првата бековска линија имаат играчи од Барселона и Алборг и можеби тие помалку добиваа шанса досега, па сега можеа да се докажат. Ова е репрезентација што играше полуфинале на ОИ. Сметам дека не не поремети црвениот картон на Карасманакис, иако ни фалеше таков играч во одбрана. Не поремети тоа што во последен момент ни откажа еден искусен играч како Никола Маркоски на таа позиција и затоа не беше во составот“, вели Лазаров.
Селекторот смета дека победата на Словенија е заслужена, но разликата не е реална.
„Почнавме одлично, дури и перфектно и одеше мечот како да ќе победиме. Јас мислам дека прво полувреме заслуживме да водиеме со три до четири гола разлика, но заврши само еден и тоа малку не истроши емотивно, и не знавме да се носиме со една ваква селекција во вториот дел. Мислам дека е заслужена победата на Словенија, но резултатот не е реален, ракометот се игра 60 минути, ние имавме добри минути, што сепак не беа доволни за изненадување. Одиме во Копер да играме, да се надигруваме, глава горе и ќе се обидеме да ги поправиме работите. Нашата цел е пласман на ЕП, ќе тежнееме да го направиме тоа и имаме шанси“, заврши Лазаров.
Следен предизвик за Македонија ќе биде гостувањето во Копер на 16 март од 18:30 часот. Средбите со Естонија и Литванија ќе се играат во мај.
📷 Чекор назад во битката за ЕП – Словенија носи цел плен од Македонија!