Стојановиќ прозиваше, младинците на два теста в четврток и петок

Машката младинска репрезентација на Македонија денеска го имаше првиот собир по осум месеци од настапот летоска на ЕП во Словенија и ги почна подготовките за СП 2025 со настап на мини-турнир во Полска.

Квартетот Галевски, Петковски, Карасманакис и Митев се со сениорската репрезентација, па шанса ќе добијат неколку нови ракометари. Нема да играат ниту повредените средни бекови Томислав Димковски и Славчо Шулески.

Меѓу ново повиканите се Андреј Глигоров, кој претходно беше во потесниот круг за настап на ЕП, а Стојановиќ ќе смета и на левото крило Давид Трајкоски, средниот бек Ѓорѓе Ѓуриќ и голманот на кадетската репрезентација, Ѓорѓи Николовски.

Селекторот Раде Стојановиќ дополнително го повика бекот на Струга, Немања Џигероски, откако откажа десниот бек од Вардар, Кристијан Стаменковиќ.

Во градот Олецко, на 13 март ќе играат Полска и Македонија, на 14 март е пресметката меѓу нашата селекција и Алжир, додека на 15 ќе играат домаќинот и африканската репрезентација.

Овие два меча се дел од подготовките за настапот на Мундијалот во Полска во јуни, а таму Македонија ќе игра против Исланд, Романија и Фарски Острови во прелиминарната фаза.