Женската репрезентација на Македонија загуби на првиот пријателски натпревар од селекцијата на Србија со убедливи 34-21. Македонија за првпат без искусните Ѓорѓиевска и Саздовска, како и без повредените Џатевска и Ристовска, немаше многу шанси против домаќинот засилен со триото Цвијиќ, Лекиќ и Крпеж.
Србија постигнуваше лесни погодоци, иако Мицевска беше солидна на голот со шест одбрани во првото полувреме. Реми беше само на стартот, 1-1, потоа Србија преку Цвијиќ, Јововиќ и Крпеж отиде на плус четири, 6-2, а беше и 8-3 по десетина минути игра.
Грчевски мораше да бара тајм-аут, внесе и нови ракометарки на теренот, но ништо значајно не се смени, иако во еден момент Македонија преку Младеновска намали на минус три, 12-9. Следуваше серија на домаќинките по нашите технички грешки и Србија поведе со 16-9.
До крајот на полувремето Македонија често беше во пасивен напад, постигна само уште два гола за десетина минути. Иако и Србија имаше грешки, сепак успеваше да го најде патот до мрежата на Мицевска и на пауза водеше со 20-11.
Второто полувреме беше само формалност. Двајцата селектори им дадоа шанса на сите ракометарки што ги имаа на располагање, но грешките во македонскиот состав се зголемуваа, а казните ститгнуваа со лесни погодоци во нашата мрежа. Србинките водеа со највисоки 13 гола разлика, а таквата разлика остана до крајот.
Најдобра во македонскиот состав беше Катерина Дамјаноска со шест погодоци, додека триото голманки – Мицевска, Петковска и Чурлиновска запиша 12 интервнеции. Крпеж со седум гола беше најдобра кај Србија, додека Цвијиќ даде шест.
Македонија и Србија ќе одиграат уште еден пријателски натпревар во Бор, утре од 13:00 часот, што ќе биде генерална проба за бараж двомечот со Полска за пласман на СП 2025.