Алонсо: Напорната работа се исплати

По убедливата победа над „сино-белите“ од Автокоманда, Еурофарм Пелистер ќе се соочи со Фуксе Берлин во Лигата на шампионите.

Тренерот на македонскиот првак, Раул Алонсо, вели дека месец февруари е тежок, но така е за сите екипи што играат на два фронта.

„Февруари е брутален, но така е за сите екипи. Фуксе Берлин го има истиот проблем со заморот како и ние. Тие пред неколку дена играа со Фленсбург во Бунделсигата. Навистина играат добро. Сепак, навикнати сме, малку имаме време да уживаме по одличниот домашен натпревар и среќен сум што напорната работа се исплати. Секој трет ден играме натпревар, сега патуваме за Германија, ни следи натпревар со врвна екипа и светска класа на ракометари. Наша цел ни е да одиграме на највисоко ниво во Берлин. Завршивме одлична работа во последните неколку месеци, освоивме многу бодови и достигнавме ниво да се натпреваруваме на високо ниво на домашен терен и сега предизвик е да се покажеме така добро во гости. Има полесни натпревари од овој во Берлин, но кога играте во Лигата на шампионите секој натпревар е тежок“, изјави Алонсо.

Шпанецот беше дел од Ерланген пред да дојде во Битола, своевремено дел од стручниот штаб и на Кил, а во играчката кариера играше за многу германски клубови, па одлично ја познава ситуацијата во Фуксе Берлин.

„Го познавам Фуксе Берлин многу добро. Скоро 20 години го градат овој проект на паметен начин. Секогаш имале врвна екипа, пред неколку години играат Ф4 на Лигата на шампионите и сега се во момент кога се борат за трофеите во Германија и целат кон учество на завршниот турнир во Европа. Потпишаа некои врвни ракометари, го имаат најдобриот светски ракометар, го продолжија договорот со него и не е коинциденција што се толку добри. Во состојба се да се натпреваруваат за сите трофеи. Ќе биде тешко да се игра против нив, но треба да се концентрираме на нашата игра и да одиграме на ниво.“, заврши Алонсо.

Натпреварот меѓу Фуксе Берлин и Еурофарм Пелистер ќе се игра в четврток во „Макс Шмелинг Арена“ во Берлин со почеток во 20:45 часот.