Данскиот среден бек Матијас Ларсон на лето ќе го замени дресот на норвешкиот Елверум со оној на бундеслигашот Рајн Некар Левен. 23-годишниот Ларсон ќе биде замена за Јури Кнор кој оди во Алборг, а претходно има настапувано за ГОГ Гудме, Архус и Арендал.
Данскиот Алборг потпиша договор до 2029 година со десното крило на Рингстед, Тобијас Нилсен. Првата сезона од договорот, Нилсен ќе ја одработи на позајмица во тимот на ХОЈ Елит.
Грчкиот Олимпијакос го донесе украинскиот голман Рудолф Бородај, кој последните три сезони ги мина во јужниот сосед бранејќи ги головите на Филипос Верија, Дукас и Килкис. 26-годишниот чувар на мрежата претходно во татковината беше дел од Донбас, Мотор Запорожје и ЗНТУ Запорожје.
Италијанскиот репрезентативец Габриеле Сонтаки од лето ќе стане интернационалец во Бундес лигата. Кружниот напаѓач на Болцано, потпиша договор на две сезони со тимот на Потсдам, каде брани Мартин Томовски.
Кружниот напаѓач Асма Ел Гауи и во следната сезона ќе биде дел од тимот на Валчеа. Таа ја продолжи соработката на уште една сезона исто како Љепоја и Келемен, па новопечената романска репрезентативка нема да менува средина.
Десното крило Кевин Гуликсен по седум сезони се враќа во тимот на Елверум. Тој доаѓа од данскиот Холстебро, а претходно по заминувањето од Елверум играше за бундеслигашите Минден и Гепинген. Гуликсен потпиша договор на три сезони, а на две сезони соработките ги продолжија средниот бек Петер Лукач и десното крило Симен Сјогорд.