Македонскиот шампион Еурофарм Пелистер во соседна Србија ќе ја одработи последната фаза од подготовките пред стартот на вториот дел од сезоната.
Пелистерци во Стара Пазова ќе ја темпираат формата, а тренерот Раул Алонсо на располагање ќе ги има речиси сите ракометари.
Во тимот ќе недостасува искусниот репрезентативец на Словенија, Нејц Цехте, кој заработи повреда на Светското првенство.
,,Во изминатиот период работевме напорно и имавме многу тренинзи со силен интензитет. Атлетскиот дел е важен и мирно работевме на тој сегмент, а сега заминуваме во Србија, каде ќе ни се приклучат и сите македонски репрезентативци. Тимот е подготвен да се соочи со предизвиците и напорите од наближените натпревари до крајот на сезоната. Ние не сме единствен што имаме таков распоред и ќе мораме да се носиме со тоа. Повредата на Нејц е лоша вест за нас и навистина ми е жал за него, но тоа е составен дел од спортот и ќе мораме да се снаоѓаме без него. Скршени ребра никогаш не можат да бидат наивна повреда, ќе се обидеме да го надоместиме неговото отсуство. Му посакувам брзо заздравување“, изјави Алонсо.
Еурофарм Пелистер освен на домашна сцена, ќе продолжи со настапите во ЛШ каде има големи шанси да обезбеди пласман во осминафиналето.