Червар: Дадов отказ кога почнаа да ми „подметнуваат“ играчи

Некогашниот тренер на Металург и селектор на Македонија, Лино Червар, иако не е активно вклучен во ракометот, секогаш е интересен за хрватските медиуми.

Червар, кој покрај Италија и Македонија, ја водеше и Хрватска и освојуваше медали на големите натпреварувања, даде своја верзија за отсуството на Лука Циндриќ, за кој се пишуваше дека имал кавга со актуелниот селектор Дагур Сигурдсон.

„Поради такво несогласување дадов оставка како селектор на хрватската репрезентација во Египет во 2021 година и тоа по последниот сребрен медал што го освоивме на Европското првенство во Шведска, што е и последен медал за хрватскиот ракомет. Само поради тоа. Сметам дека не смее да се протежира никој индивидуално, бидејќи во националниот сите треба да ‘веслаат’ во иста насока“, вели Червар за „Нет“.

Тој открива дека во 2021 година си заминал од кормилото на Хрватска поради индивидуалното протежирање на одредени ракометари.

„Никој не ме праша зошто си заминав тогаш. Токму поради горенаведеното, поради несогласувањата во хрватската репрезентација, а јас секогаш се борев за моите ставови и за резултатот. За мене тоа е она што секогаш го посакував, тимот е најдобриот играч. Без тим, заедништво, колективно, ниту еден играч, колку и да е добар, како и да се вика, нема да има резултати. Не сакам да навлекувам во детали, бидејќи не сакам препукувања по медиумите, не сакам да го нарушувам мирот и кохезијата во репрезентацијата пред важните натпревари на СП. Тоа се добри дечки, но им треба мир. Времето не ни е сојузник“, продолжи Червар.

Искусниот стратег знае кој е рецептот за медали.

„Само ќе го кажам ова – дури и ако е најдобар играч, тој сигурно може да направи повеќе ако е во синергија со другите 15 играчи отколку да игра сам. Тим, единство, сите за еден, еден за сите. Тоа е она што победува и освојува медали на големите натпреварувања. Кога тимот е еден, тогаш постои тоа единство што никој не може да го наруши, без разлика што сите сме различни како луѓе, со различни карактери, без разлика на егото, тоа мора да се обедини“, заврши Червар.

Хрватите денеска стартуваат во главната рунда против Зеленортските Острови, а потоа следуваат пресметките против Словенија и Исланд.