„Најлесно е да се впери прст кон некого, прво треба да гледаме во својот двор“

Македонската репрезентација иако покажа заби, сепак не можеше да оствари втор позитивен резултат на Мундијалот во Хрватска, Данска и Норвешка.

Кружниот напаѓач Милан Лазаревски го коментираше поразот од Холандија и имаше пофални зборови за неговите колеги за одличната игра.

,,Единствено што може да се издвои за нивната игра е брзата транзиција и брзата контра, тие не се физички супериорни, тоа беше на наша страна. Но, нивната игра ја имаат доведено до перфекција, колку и да се подготвиш на терен, во реално време, беше многу тешко да се браниш. Нивниот најдобар ракометар (Лук Стеинс) ја правеше разликата на теренот, тој ги покриваше сите недостатоци на селекцијата. Ние немавме решение за нивните брзи транзиции и контри. Не би сакал да коментирам екстремни фактори. Најлесно е да се впери прст кон некого, но прво треба да си гледаме во својот двор. Немавме никаква помош, но ниту фер услови за игра. Браво за сите за одиграната партија“, изјави Лазаревски.

Следен предизвик на СП за Македонија ќе биде натпреварот со Гвинеја в недела од 18:00 часот.