Македонската телевизија ги пренесува натпреварите од Светското првенство што се игра во Хрватска, Данска и Норвешка. Покрај стандарните разговори во студиото со стручните аналитичари и вклучувањата од Вараждин, МТВ воведе и една новина.
По драматичното реми со Унгарија, 27-27, селекторот Кирил Лазаров беше „телепортиран“ во Скопје и ја даде својата анализа за натпреварот.
МТВ секој ден пренесува најмалку по два меча од групната фаза на Мундијалот, додека од главната рунда ќе има по три преноси на ден. Петчлена екипа на МТВ е во Вараждин и секојдневно известува од СП, и врши преноси на нашите натпревари.
Во посебен дел во салата МТВ има свое „студио“ каде селекторот, а во иднина и други ракометари ќе се вклучуваат директно во програмата, а гледачите ќе може да ги видат како да се во студиото во Скопје. Преку слушалки комуницираат со стидиото и одговараат на поставените прашања.
Македонија е на добар пат да обезбеди место во главната рунда, што ќе значи уште три средби со Франција, Австрија и најверојатно Катар.
Во следното коло Македонија се среќава со Холандија. Во следната фаза продолжуваат првите три екипи од групата од Вараждин. И тие натпревари се играат во истата сала.