Металург Автокоманда убедлив во Штип

Ракометарките на Металург Автокоманда имаа победнички старт на разигрувањето за титулата во Женската лига. Избраничките на Јулијана Дамчевска славеа на гостувањето кај Астибо во Штип со убедливи 42-21.

Овој натпревар наликуваше многу на оние од регуларниот дел, кога тимот од Автокоманда уште по првиот дел ги имаше обезбедено бодовите. Гостинките предводени од Марија Јанкуловска водеа со 13 голови разлика, 22-9.

Домаќинките се обидуваа да парираат колку што им дозволуваше скратениот ростер, но тоа не беше доволно, а Металург Автокоманда ги казнуваше сите грешки со лесни погодоци во брзите контранапади.

Најдобри стрелци во победничкиот тим покрај Јанкуловска која имаше девет гола, беа Ѓошевска со осум, како и Коцева, Котевска, Гугуљанова и Ристиќ со по четири погодоци. Кај Астибо покрај стандардната Анчева со десет гола, се истакна и Вучевска со четири.

Во второто коло, Металург Автокоманда на домашен терен ќе го пречека составот на Вардар, додека Астибо ќе му гостува на актуелниот шампион Ѓорче Петров.