Ракометарите на Барселона им се вратија на победите во Лигата на шампионите и славеа на домашен терен против составот на Загреб со убедливи 38-30. Каталонскиот гигант не дозволи изненадување против хрватскиот првак во кој ги немаше суспендираните Кос и Срна, како и повредениот Мандиќ.
Со скратен ростер, избраниците на Велимир Петковиќ не можеа да направат ништо повеќе на овој натпревар. Домашните отворија со водство од 7-2, па 10-4, и веќе беше јасно каков тек ќе има дуелот.
Барса беше предводена од Нилсен кој запиша 16 одбрани, а Ричардсон во отсуство на Мем беше лидер на нападот со 11 гола. Кај Загреб, Грбавац имаше девет одбрани, а Дибиров постигна осум гола.
Фуксе Берлин прослави драматична победа над Спортинг Лисабон со 33-32. Иако домашните водеа со четири гола во текот на мечот, сепак на пет минути до крајот гостите направија комплетен пресврт и поведоа со 32-31.
Но тогаш Мога доби исклучување, Лихтлајн казни и Фуксе Берлин израмни, кога остануваа да се играат уште четири минути. Кико Кошта не беше прецизен, па германскиот тим во следниот напад преку Виде успеа да погоди за 33-32. До крајот имаше обиди за гол на двете страни, но немаше реализација и бодовите останаа во Берлин.
Фреихофер даде десет гола за Фуксе, додека Гидсел имаше осум реализации. Во редовите на Спортинг Лисабон се истакна браќата Кошта со по седум погодоци.