Еурофарм Пелистер ита кон осминафинале во ЛШ, Висла беше немоќна во Битола

Македонскиот шампион Еурофарм Пелистер пред домашната публика ја надигра Висла Плоцк со 21:18 во натпревар од 10. коло од Лигата на шампионите. За пелистерци ова беа два важни бода, со кои ќе бидат многу блиску до пласман во осминафиналето. До крајот од групната фаза во европската елита треба да се одиграат уште четири дуели.

Натпреварот го отворија гостите преку средниот бек Митја Јанц, а домашниот табор преку Тајник возврати за 1:1, а потоа истиот ракометар беше успешен за водство на македонскиот шампион од 2:1. По серијата грешки на тимот од Полска, младиот Атанасијевиќ погоди за 3:1, но Висла Плоцк со серија од 2:0 израмни на 3:3 во 8-та минута.

До овој период, голманот на Еурофарм Пелистер, Никола Митревски, имаше една одбрана, на спротивната страна Алиловиќ беше без интервенција. Следуваше период, во кој се играше гол за гол, беше 6:6 во 15 минута, а двете 6-ки на семафорот беа јасен знак дека ќе гледаме возбудлив натпревар.

Домаќините и гостите во желбата да дојдат до предност, се повеќе грешеа, а Висла Плоцк во 20 минута со голот на Зарабец дојде до првото водство, поведе со 7:6. Со серија од 2:0, пелистерци повторно си ја вратија предноста и дојдоа до 8:7 во 22 минута.

До крајот на полувремето ниту една од двете екипи не успеа да дојде до предност поголема предност, пелистерци поведуваа, гостите израмнуваа, беше 10:10 во 28 минута, а во последните две минути Еурофарм Пелистер постигна уште два гола за 12:10 на пауза.

Кузмановски продолжи со одличната игра на стартот на вториот дел, па така домаќинот за две-три минути игра дојде до солидни плус пет, 15:10. Бековите на Висла Плоцк цели десет минути немаа решение како да го пронајдат патот до мрежата на домашниот гол, а еден од клучните играчи на гостите – Герго Фазекаш целосно потфрли.

Висла Плоцк првиот гол во вториот дел го постигна во 36 минута преку Зарабец за минус четири, 15:11. Еурофарм Пелистер влезе во голема криза, во периодот од 35 минута, па до 44 беше без реализација, а гостите за 17 минути постигнаа само еден гол. Ракометарите на Висла Плоцк во еден момент имаа плус два играчи, но ни тоа не беше доволно за да поентираат.

Кризата во македонскиот шампион ја прекина Кузмановски, додека за гостите тоа го направи средниот бек Зарабец. Во 50 минута резултатот беше 17:14 во корист за домашниот табор. Полскиот шампион беше во трка со времето, намали на 20:18 во 58 минута, а кружниот напаѓач Жарко Пешевски со гол донесе 21:18, тоа значеше крај за сите надежи на гостите за да стигнат до барем бод.

Најефикасен во таборот на Еурофарм Пелистер беше Филип Кузмановски со седум гола, одличен меѓу стативите беше Никола Митревски со 11 интервенции.