Maкедонскиот шампион Еурофарм Пелистер го очекува последниот настап во Лигата на шампионите оваа година.
Во Битола доаѓа полскиот првак Висла Плоцк, кој е во битка со нашиот тим и со данската Фредериција за последното место што води во елиминациите.
Стратегот на битолчани, Раул Алонсо, вели дека на тешкиот натпревар ќе биде потребна поддршка од навивачите.
„Нè чека тежок натпревар, па ни треба цела енергија и сите навивачи. Висла е тим кој е составуван да ја освои Лигата на шампионите и напредуваат секоја година. Веќе неколку години работат на голем проект, многу пораснаа во последните две години. Сакаат да бидат број еден во Полска и почнаа да ги победуваат клучните натпревари против Келце. Оваа сезона можеби не се на местото на кое треба да бидат во Лигата на шампионите, но видовме како играат на последниот натпревар против Фредериција. За нас е најважно да го дадеме максимумот, да се обидеме да ги победиме пред нашите навивачи. Се подготвуваме на ист начин како за претходните натпревари, работиме на детали, но пристапот и почетокот на натпреварот ќе ни биде многу значаен“, изјави Алонсо.
Натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер и Висла Плоцк се игра утревечер во салата „Боро Чурлевски“ со почеток во 20:45 часот.