Кипријановска: Имавме многу технички грешки и не верувавме во себе

Женската репрезентација на Македонија со очекуван пораз од Шведска со 28-18 го отвори настапот на Европското првенство во Унгарија, Швајцарија и Австрија.

Слабото прво полувреме и црниот период од 20 до 38 минута беа причина за високиот пораз од скандинавската селекција.

Една од интернационалките во редовите на Македонија, Јована Кипријановска, го коментираше високиот пораз.

,,Стартувавме добро, мислевме дека ќе бидеме рамноправни на тим како Шведска, но ние направивме многу технички грешки и не верувавме во себе, затоа се случи ваков пораз. Мислам дека во последниот дел покажавме дека може да играме подобро, а исто така за мојот настап сметам дека можеше да одиграм многу подобро, направив неколку грешки, но мислам дека можам да бидам подобра”, изјави Кипријановска.

За Македонија следува ден одмор, а в сабота избраничките на Кристијан Грчевски ќе играат против Турција.