Парондо и Мораес: Вардар ја заслужи победата!

Ракометарите на Вардар со триумф со 32-30 ја завршија групната фаза во Лигата на Европа и сега ќе се посветат на домашната сцена.

Иако оваа победа не носи место во главната рунда, сепак е значајна за „црвено-црните“. Гостинскиот тренер Роберто Парондо, кој своевремено го водеше Вардар вели дека домашните ја заслужија победата.

„Вардар ја заслужи победата. Од првиот момент тие влегоа посилно, помоќно, па беше тешко за нас да се вратиме, им честитам и посакувам се најдобро до крајот на сезоната. Се надевам дека ќе имаме добри резултати во главната рунда и ќе видиме до каде можеме да стигнеме“, изјави Парондо.

Кружниот напаѓач Рожерио Мораес, кој играше три сезони за „црвено-црните“, исто така му честиташе на Вардар.

„Честитки за Вардар за победата, која беше потполно заслужена. Играа со поголем интензитет од нас, ние имавме многу технички грешки, промашени шутеви, не игравме на нашето ниво, па не можевме да ја завршиме групата со победа. Му посакувам се најдобро на Вардар до крајот на сезоната“, изјави Мораес.