Екипата на Веспрем вторпат беше подобра од полскиот шампион Висла Плоцк, откако на свој терен триумфираше со 30:26 во натпревар од 8. коло од Лигата на шампионите.
Гостите од Плоцк беа рамноправни само во воведниот дел, парираа до 5 минута, а се останато мина во знакот на домашниот табор.
Веспрем на полувреме замина со предност од 17:13 и продолжи во ист стил во вторите 30 минути, во кои избраниците на Сабате во ниту еден момент не успеаја резултатски да се доближат.
Најефикасни во редовите на победничката екипа беа Арон Палмарсон и Недим Ремили, двајцата постигнаа по шест гола. Кај Висла Плоцк се истакна средниот бек Миха Зарабец, кој имаше седум успешни реализации.
Фуксе Берлин одигра моќно пред своите фанови против Динамо Букурешт, оствари убедлива победа од 38:29.
Бундеслигашот, кој во Романија беше поразен со 38:31, покажа дека во минатото коло имал само лош ден, па така денешната победа си ја обезбеди уште во првото полувреме.
Домашниот тим на пауза имаше висока предност од 22:14, a во вториот дел немаше поголема промена на теренот.
Данецот Матијас Гидсел беше најефикасен кај победничката екипа, постигна седум гола, а кај Динамо Букурешт се истакна Бранко Вујовиќ со шест гола.