Пелистерци со негатива на полувреме против данскиот вицепрвак

Македонскиот шампион Еурофарм Пелистер губи со 16:13 на полувреме од дуелот против Фредериција од 8. коло од Лигата на шампионите.

Данскиот вицепрвак прв го отвори натпреварот во спортската сала „Боро Чурлевски“, а битолчани преку Филип Кузмановски израмнија на 1:1. Следуваше период, во кој Фредериција победуваше, а домашниот тим израмнуваше, така беше до 10 минута.

По нерешените 4:4, тимот од Данска со два гола во низа за првпат успеа да се одлепи на ,,плус два” 6:4. До средината на првото полувреме голманот Никола Митревски беше без интервенција, додека на спротивната страна Торстен имаше две.

Фредериција некако успеаваше да ја сочува предноста, иако ниту тимот од Данска не играше најидеално, по 15 минути успеа да зголеми до дотогаш највисоките плус три, 10:7. Откако Митревски не можеше ништо да одбрани, тренерот Алонсо одлучи да направи замена, па во игра влезе вториот голман Филип Ивиќ, кој имаше само една интервенција за петнаесетина минути.

Во последните десет минути од првото полувреме пелистерци никако не можеа да дојдат до израмнување, не ги искористуваа грешките на ривалот, па така Фредериција константно беше во предност, но без голема комоција во играта, водеше со два до четири гола разлика. Гостите ја сочуваа стекнатата предност и на пауза заминаа со 16:13.