Овој викенд беше одиграно 8. коло од регуларниот дел во единственото женско сениорско натпреварување, по што се познати речиси сите патници во плеј-оф фазата.
Од трите групи, пласман во плеј-оф фазата обезбедуваат најдобрите две, додека оние екипи кои ќе завршат од 3 до 5 место ќе играат во плеј-аутот.
Од групата А сигурно место меѓу најдобрите шест има обезбедено Чаир, додека за 2. позиција во игра се Скопје и Астибо. Скопје на табелата има девет бода, клубот од Штип бод помалку – осум.
Скопје за следен ривал го има Чаир, во 10. коло, она последно, е слободен. Астибо во 9. коло ќе игра против вториот тим на Ѓорче Петров, а во 10. коло гостува кај Чаир. Јасно е дека Чаир е фаворит на двата меча, па одлучувачки за вториот патник во плеј-офот ќе биде дуелот меѓу Астибо и Ѓорче Петров 2.
Штипскиот клуб и со еден бод ќе се обезбеди место меѓу најдобрите шест, бидејќи за само еден гол има подобар меѓусебен скор со Скопје. На Скопје единствено му одговара пораз на Астибо за да оди во плеј-оф, под претпоставка дека ниту Скопје ниту Астибо нема да освојат бодови против Чаир.
Металург Автокоманда и Куманово обезбедија пласман во плеј-офот од групата Б. Овие две екипи силите ќе ги одмерат во следното, 9. коло.
Од групата В во ТОП 6 одат актуелниот шампион Ѓорче Петров и екс првакот Вардар. Двете екипи немаа голема конкуренција, Вардар победи на сите натпревари на кои важеше за фаворит, исто така и Ѓорче Петров.