Лангаро и Ламбросо диригираа, Динамо Букурешт го торпедира Фуксе Берлин!

Ракометарите на Динамо Букурешт со одлична игра во вториот дел го совладаа бундеслигашот Фуксе Берлин со 38-31 и покажаа дека се сериозни кандидати за првите две позиции што водат директно во четвртфиналето.

Во првиот дел се играше максимално израмнето и ниту еден од двата тима не можеше да врзе повеќе од два гола по ред. Се менуваа во водство и Динамо и Фуксе Берлин, но имаше дури 18 израмнувања на резултатот.

Српските репрезентативни голмани Цупара од Динамо и Милосављев од Фуксе немаа своја вечер во првиот дел и запреа само по еден удар, па шанса добија вторите голмани Јанку и Лудвиг.

На паузата водеше Фуксе со 19-18, откако перфектниот Гидсел, кој имаше седум од седум погоди во последните секунди. По 19-19, Динамо почна да се одлепува, а во нападот доминираше Ламбросо, за кој „лисиците“ немаа решение.

Романскиот шампион поведе со 28-24, Фуксе се доближи на минус во два наврати, но немаше сили за камбек и се распадна во финишот. Домаќините продолжија со доминацијата и на крајот запишаа убедлив триумф.

Лангаро и Ламбросо имаа по пет гола за Динамо Букурешт, додека Андерсон со осум и Гидсел, кој не даде гол во вториот дел и остана на седум, беа најдобри во гостинскиот тим.