Екипата на Еурофарм Пелистер во натпревар од 7. коло од Лигата на шампионите конечно дојде до прв триумф, откако славеше на гостувањето во Данска кај Фредериција со 25:23. Еурофарм Пелистер со освоените два бода се позиционира на 6 место во групата А, сега има три, а зад него се Висла Плоцк и Фредериција со по два бода.
Македонскиот шампион го отвори натпреварот во Оденсе со голот на Петар Атанасијевиќ, а домашниот тим, откако не погоди на двапати по ред, првиот гол го постигна преку екс пелистерецот Табоада, кој израмни на 1:1 во 5 минута.
Битолчани во периодот од првата, па се до осмата минута беа без гол, а кризата во битолскиот тим ја прекина кружниот напаѓач Жарко Пешевски, кој намали на 3:2. Кон средината на првиот дел Еурофарм Пелистер се врати во игра, откако имаше негатива од 4:2, Пешевски и Тајник реализираа за 4:4.
До 15 минута, голманот на Еурофарм Пелистер, Никола Митревски, имаше шест интервенции, додека домашниот голман Фриес Торстен само две. По нерешените 5:5, домашниот тим врза три гола и во 20 минута се одлепи на плус три, 8:5. Ниту Фредериција не играше на ниво, па така македонскиот шампион возврати со иста мера, израмни на 8:8.
Данскиот тим до крајот до полувремето не дозволи Еурофарм Пелистер да направи пресврт, ја подобри играта во одбраната и на пауза замина со минимална предност од 12:9.
По предноста на Фредериција од 13:11, Еурофарм Пелистер направи серија од 3:0 и во 35 минута дојде до првото водство на натпреварот, 14:13. Следуваше период, во кој двете екипи се менуваа во водство, а македонскиот шампион во 40 минута преку Хосни и Радивојевиќ дојде до плус три, 18:15.
Најзаслужен за пресвртот на Еурофарм Пелистер беше голманот Митревски, кој до 40 минута имаше 12 интервенции. На петнаесетина минути пред крајот црвен картон заработи Богдан Радивојевиќ, но тоа не претставуваше проблем за пелистерци кои до крајот ја диктираа играта и водеа со еден до четири гола разлика.
Најефикасен во тимот на Еурофарм Пелистер беше Филип Кузмановски со пет погодоци, еден помалку имаа Осама Хосни и Жарко Пешевски, а Никола Митревски натпреварот го заврши со 15 интервенции.
По ЕХФ неделата Еурофарм Пелистер повторно ќе се соочи со Фредериција, но на свој терен. Второто соочување меѓу двата тима е закажано за 20 ноември во Битола.